Реал Мадрид неочекувано загуби од Еспањол со 1-0 и им дозволи на Атлетико Мадрид и Барселона со победите да им се доближат во борбата за титулата. Според „кралевите“ главни виновници за поразот на мечот во Барселона се судиите, а забелешките се за непокажаниот црвен картон на стрелецот на единствениот гол на мечот, Карлос Ромеро, но и за поништениот гол на Винисиус.
„Ова е тоа што мора да го трпиме во оваа валкана лига на Негреира. Да беше обратно, сите медиуми и насловни страници ќе пишуваа за тоа. Рафаел Лосан кој штотуку пристигна, мора да си замине веднаш. Тој знае што се случува и сепак му даде апсолутна моќ на Кантаљехо, кој е директниот наследник на Негреира. Судењето е срамно, ова веќе станува многу сериозно. Честитки за извршителите на планот на Кантаљехо, тоа е неговата преторијанска гарда. Ја постигнаа јасната цел да го спречат Реал да победи. Долги години го трпиме истото.“ – велат на клупската телевизија на Реал Мадрид, а пренесува шпанска „Марка“.