Реал Мадрид ова лето влегува во фаза на големи промени. Чаби Алонсо се очекува да ја преземе тренерската функција, а веднаш потоа ќе следуваат клучни одлуки во врска со играчкиот кадар. Како што пренесува шпанскиот „ОК Дијарио“, клубот е подготвен да го продаде Бразилецот Родриго, кој наводно прифатил трансфер – но под еден јасен услов.
Според истиот извор, Родриго е заинтересиран за заминување само ако се пресели во Манчестер сити, каде што би продолжил да игра на највисоко европско ниво. Не сака да замине во помалку конкурентни средини, како што е Саудиска Арабија. Иако посакува да остане во Мадрид, каде што минатата година го продолжи договорот до 2028 година, незадоволен е од сè помалата минутажа и сака да има статус на стандарден стартер.
Минатата сезона Карло Анчелоти му даваше солидна улога, но со доаѓањето на Килијан Мбапе, конкуренцијата во нападот значително се зголеми, а позицијата на Родриго стана понеизвесна. Прескокнувањето на Ел Класико поради наводна неподготвеност само ги засили шпекулациите за неговото заминување.
Наводно, Пеп Гвардиола лично стапил во контакт со Родриго и му порачал дека го гледа како важен дел од својата визија во Манчестер сити. Клубот од „Етихад“ е свесен дека Реал бара околу 100 милиони евра за трансферот, но се надеваат дека желбата на самиот фудбалер би можела да ја спушти цената.
Интересно е што токму Родриго беше клучен играч во незаборавниот пресврт против Сити во полуфиналето од Лигата на шампионите во 2022 година, кога со два гола во судиското надополнување го однесе Реал во продолженија, а потоа Бензема обезбеди пласман во финале. Две години подоцна, во нова пресметка со Сити, Родриго повторно блескаше и постигна голови во двете четвртфинални средби.