Реал Мадрид внимателно ги следи неколкуте најдобри централни дефанзивци во Европа со намера да ангажира најмалку еден од нив, а наводно сега Дајот Упамекано има предност пред Ибрахима Конате.
Според шпанските медиуми, Реал Мадрид го „оладил“ интересот за Конате, но се насочил кон неговиот сонародник Упамекано, кој исто така се наоѓа во последната година од договорот со Баерн Минхен.
Упамекано не напредува во преговорите за нов договор со Баерн, а Реал сака да ја искористи таа ситуација. За разлика од германскиот клуб, Реал Мадрид е подготвен да му понуди бонус од 20 милиони евра за потпис, што би можело да биде клучно за да го убеди Французинот да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
Давид Алаба и Антонио Ридигер се во последната година од своите договори со Реал и ќе го напуштат клубот во јуни, па претседателот Флорентино Перес внимателно ја следи ситуацијата на пазарот. Упамекано, според извештаите, сега е главен приоритет за мадридскиот гигант.
Французинот се приклучи на Баерн Минхен во летото 2021 година, пристигнувајќи од Лајпциг за 42,5 милиони евра, а германскиот шампион нема намера лесно да се откаже од него и ќе се обиде да го задржи со нов договор.