Реал Мадрид играше очајно во подготвителниот период, а лоши ја започна и новата сезона. Одбраната беше најслаб дел од тимот, па во првите пет меча (четири во првенство еден во Лигата на шампиони), прими дури девет гола.
Сепак, на последните две средби како да се случи нешто во дефанзивниот ред на шпанскиот гигант. Реал победи на гости кај Севилја со 1:0, а потоа и на „Сантијаго Бернабеу“ ги освои трите бода без да прими погодок во дуелот со Осасуна. Освен што не прими гол, Реал не им дозволи на противниците да упатат ниту еден прецизен удар.
Последен пат Реал на два меча во низа не им дозволил на ривалите да шутнат кон нивниот гол во сезоната 2009/10, кога Алкоркон во Купот и Расинг во Примера не упатија ниту еден директен удар кон голот на Реал.
Вистинскиот тест за одбраната на Реал ќе биде утре. Кралевите ќе гостуваат кај градскиот ривал Атлетико Мадрид, а избраниците на Зинедин Зидан ќе се обидат да го доградат ѕидот пред нивниот гол.