Реал Мадрид минатото лето го донесе Џуд Белингам, летово пристигнува Килијан Мбапе, а планот за следното лето е да биде ангажиран најдобриот фудбалер на бундеслигашката сензација Баер Леверкузен, Флоријан Вирц. Неговата моментална цена е 110 милиони евра, можеби за една година таа ќе порасне, можеби ќе се намали, но во секој случај Кралевите ќе мора сериозно да го одврзат ќесето за да го ангажираат бидејќи има договор со Фармацевтите до 2027 година.
Кралевите во овој случај постапуваат слично како и со Белингам и со Мбапе, многу рано почнуваат да го подготвуваат теренот и да го убедуваат фудбалерот, иако за неговите услуги интерес има и од Манчестер сити.
Чаби Алонсо останува на клупата на Баер Леверкузен и следната сезона, а со него остануваат и поголемиот број фудбалери со кои дојдоа до првата титула во Бундеслигата, но Шпанецот најверојатно во пакет со Вирц ќе се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ летото 2025 година, кога е планирано и Карло Анчелоти да се пензионира.