Реал во јануари (можеби) ќе игра дури девет натпревари

Минимум седум, а можеби и девет натпревари ќе одигра Реал Мадрид во текот на јануари. Првиот месец од 2019 година ќе биде многу напорен за европскиот и светски клупски првак, а низата обврски почнува вечерва, на гостувањето кај Вилјареал.

Пет меча од лигата, од кои едниот заостанат, овој со Вилјареал, плус два од осминафиналето на Купот против Леганес може да го исцедат тимот на Сантијаго Солари во овој критичен дел од сезоната. Реал е четврти во лигата, со осум бода помалку од лидерот Барселона и нема многу право на киксови, па вечерва атакува на трета позиција и пет бода негатива во трката за титулата.

По мечот со Вилјареал, Реал на шести јануари го пречекува Реал Сосиедад, а три дена подоцна го има првиот дуел со Леганес во купот. На 13-ти јануари оди кај Бетис, па следува реваншот со Леганес, на 19-ти јануари игра со Севилја, а на 26-ти или 27-ми јануари има гостување кај Еспањол. Ако го елиминира Леганес, тогаш пред гостувањето кај Еспањол ќе има меч од Купот, потенцијално против некој многу силен противник како Барса или Атлетико.

Ова значи 9 меча за 27 до 29 дена или играње на секои три дена. Ќе треба многу ротирање на составот и колку што е можно избегнување повреди. Во следните две до три недели тимот е без Асенсио, Љоренте и Маријано, и тоа е дополнителен проблем.

- Оглас -

Најнови вести