Купот на Шпанија е натпреварување кое Реал Мадрид во последните години најретко го освојува, иако на хартија, тука противниците му се најслаби и најмалку мечеви се потребни за да се дојде до трофејот.
Зачудува како Кралскиот клуб од Мадрид во последните 11 сезони има дури девет полуфиналиња во елитната европска Лига на шампиони, а во истиот период, има само четири полуфиналиња во Купот на Шпанија.
Реал последен пат го освои купот на Шпанија во 2014 година (тогаш го финалето ја победија Барселона), а купот е единствен трофеј кој не успеа да го освои Зинедин Зидан, човек кој направи историски потфат со три титули едноподруго во ЛШ.
Пред две недели, Реал го освои шпанскиот суперкуп, тогаш во финалето беше подобар од Атлетик Билбао, а синоќа баскијците се реваншираа во купот. Атлетик во полуфиналето ќе игра со Валенсија, а Рајо Валјекано за противник го доби Бетис.