11.8 C
Skopje
вторник, 11 ноември 2025

Реал за 10 дена ја „зацрни“ цела сезона

Реал Мадрид сезонава најверојатно ќе остане без ниту еден трофеј. Најтрофејниот шпански клуб, кој е навикнат да ги полни витрините со пехари, многу веројатно дека овојпат ќе има „црна“ сезона. До пред 10 дена, Реал беше во одлична позиција за поминување во четврт-финалето од Лигата на шампионите, за пласман во финалето на шпанскиот куп, како и со солидни шанси дека може да ја стигне Барселона во Примера дивисион.

Сите тие надежи за трофејна сезона згаснаа за неполни две недели. За Реал сè тргна лошо на мечот против Жирона во домашното првенство. Кралскиот клуб водеше на полувреме со 1-0 и ништо не најавуваше дека во второто полувреме може да се случи пресврт. Сепак, малиот каталонски клуб успеа на неверојатен начин да направи пресврт и на крајот победи со 2-1.

Потоа следуваше триумф на Реал, на гости кај Леванте со 2-1, и тоа со два погодоци од пенал. По таа победа, дојде кошмарот наречен Барселона. Мадриѓани имаа позитивни 1-1 по првиот меч на „Камп ноу“ и пред своите навивачи се надеваа дека ќе се радуваат на влез во финалето на Купот на Шпанија. Сепак, Барселона не мислеше така, па гостите со победа од 3-0 го елиминираа вечниот ривал во Купот и му ја скратија надежта за овој трофеј.

Реал – Барса играа и четири дена по тој меч во Купот, но сега во првенството. Натпреварувањето беше друго, но епилогот ист. Каталонците победија минимално со 1-0 и на тој начин стигнаа до високи 12 бода предност во Примера дивисион на 12 кола до крајот.

По тие неуспеси, фокусот на Реал беше насочен во Лигата на шампионите. Натпреварувањето во кое Реал беше крал во последните три сезони. Победа од 2-1 на гости кај Ајакс и целосна фаворитска улога пред мечот во Мадрид даваше знак дека ЛШ е шансата за навивачите на Реал повторно да се радуваат во мај. Реал имаше свои калкулации, но гостите од Амстердам веруваа во своите можности и на крајот направија нешто што ниту еден клуб не успеал претходно да направи. Реал е на колена и во Лигата на шампиони.

Сумирано, за неполни две недели, Реал загуби четири меча во низа на свој терен во три различни натпреварувања, а гостите дадоа 10 од последните 11 погодоци на „Сантијаго Бернабеу“. За неверување, но факт е дека Реал сезонава е во нокаут.

- Оглас -

Најнови вести