Реал Мадрид доби нова финансиска санкција од Европската фудбалска федерација (УЕФА) и тоа поради непочитување на правилата за време на мечот против Бенфика на гостински терен, во последното коло од лигашкиот дел од Лига на шампиони. Реал Мадрид загуби со 4:2 на гостувањето на стадионот „Луж“ во Лисабон и во последен момент испадна од Топ 8 на табелата, па ќе мора да игра во 16-финалето од нокаут фазата во елитното натпреварување.
Покрај поразот во Лисабон, Реал заработи казна од 40.000 евра поради тоа што гостите не го почитувале времето кога требале да излезат на теренот за почеток на натпреварот.
Бидејќи се работеше за меч од последното коло, сите средби во ЛШ започнаа во 21 часот и имаше точно дефиниран тајминг кога сите фудбалери треба да се на теренот. Играчите на Реал Мадрид доцнеле со излегувањето на почетокот од мечот бил пролонгиран.
УЕФА е позната дека строго сака да се почитуваат тие правила и прописи, посебно кога се работи за унифициран старт на сите средби. Дисциплинскиот орган при УЕФА, во образложението наведува дека е неприфатливо да се доцни со почетокот на средбата и на тој начин да се наруши регуларноста на натпреварувањето, затоа што одредени клубови би можеле да калкулираат.
На крајот, Реал кој сакаше калкулира, загуби со 4:2 и испадна од Топ 8 на табелата, а сега си заработи и финансиска казна од 40.000 евра.

