Реализиран хуманиот гест, Емил Рајковиќ донираше пари во СОС Детското село

Кошаркарскиот тренер Емил Рајковиќ денеска во СОС Детското село ги донираше парите од добивката вредна 44.500 денари, од хумантарниот тикет кој тој го состави по иницијатива на СпортМанија.

Рајковиќ идејата парите да ги донира токму во оваа организација ја добил бидејќи се присетил на една посета на селото, во кое се згрижени деца без родители и без родителска грижа, и посакал да помогне.

„Одлуката парите да ги донирам во СОС Детското село е поради имиџот што го има и навистина верувам дека се грижат за децата. Пред многу години со репрезентацијата бевме таму и посетата ми остави силен впечаток. Ова е можеби една капка во морето, но мислам дека гестот и искрената желба се поважни од сумата“, рече Рајковиќ, кој беше примен од одговорната за индивидуални донации, Ана Ивановска, а доби и благодарница од СОС Детското село.

Ивановска од името на СОС Детско село му се заблагодари на Рајковиќ и го информира околу работата на организацијата која постои повеќе од две децении и околу неа нема никакви темни дамки или скандали.

„Имаме разни програми за зајакнување на семејства за кои постои висок ризик да се распаднат, а, секако, биолошкото семејство е најдобро за децата. Во селото има околу 55-60 деца, плус околу 60 семејства кои згрижуваат деца. Најбројни се деца до 14 години, а оние од 14 до 18 години се во посебни младински кампови и ги подготвуваме за она што следува откако ќе станат полнолетни. За успешната работа на СОС Детско село говори и тоа дека над 90 проценти од децата кои излегуваат од таму успешно се интегрираат во општеството и ние сме горди на тоа и ќе продолжиме да работиме како досега“, рече Ивановска.

 

- Оглас -

Најнови вести