Заврши црната серија од седум натпревари по ред без победа за машката фудбалска репрезентација на Македонија. Вечерва во Скопје совладана е Ерменија со 2-0, и тоа со два гола во второто полувреме, кога Црвено-жолтите имаа играч помалку на теренот откако во самиот финиш на првиот дел исклучен беше Ѓоко Зајков.
Гостите не беа опасни, имаа само една убава шанса, во Скопје како да беа дојдени по 0-0, не се снајдоа ни со играч повеќе. Енис Барди даде прекрасен гол од слободен удар за 1-0 во 70-тата минута, а девет минути подоцна гол даде и Бојан Миовски.
Македонија со трите бода изби на чело на табелата во групата во пресрет на следните мечеви во октомври, кога ќе гостуваме кај Летонија и Ерменија.