Првиот ноќен меч одигран под светлината на рефлекторите на стадионот во Битола, ќе остане запаметен од фановите на Пелистер по голот на Мирко Ивановски за победа над Вардар од 1-0, а се покажа и дека без разлика на нивното место на табелата, кога играат овие два тима меѓусебе, интересот е огромен.
Чкебарите од Битола во огромен број му помагаа на својот миленик, а во завидна бројка како за гостување беа и скопските Комити, кои беа шокирани во финишот кога Вардар прими гол и остана закован на дното на табелата.
Трибините на некогашното „Тумбе Кафе“, сега „Петар Милошевски“ беа претесни да ги соберат сите кои сакаа да гледаат. Имаше публика и надвор од трибините, луѓе кои стоеја покрај оградата зад едниот гол и „ѕуркаа“ што се случува.
На трибините имаше 5-6.000 навивачи, а импресионираат бројките на гледаност преку интернет. Преносот на Јутјуб каналот на ФФМ беше гледан од илјадници луѓе, а во финишот, бројката на вклучени уреди преку кои љубители на фудбалот го следеа дербито во еден момент дојде и до 11.680.
И во кафулиња и ресторани се гледаше интернет преносот од дербито во Битола, па бројката на луѓе кои го следеа мечот е поголема од тие 17-тина илјади кои беа на трибините и на Јутјуб, бидејќи во кафуле има еден вклучен уред и се брои како еден, а можност за гледање имаа десетици луѓе на тој еден телевизор.
Како и да е, Битола ја слави првата победа над Вардар по пауза од три години, а скопјани ќе се надеваат на подобри времиња за најтрофејниот клуб.