Македонија со победа од 0-3 на гостински терен кај Лихтенштајн ги започна квалификациите за Светското првенство, а убедливиот триумф со чиста мрежа значи дека рекордите само се зголемија.
Нашата репрезентација сега има рекорди шест победи по ред и сите шест без примен гол. Тоа значи дека Столе Димитриевски нема примено гол од оној пенал против Фарските острови во Торсхавн во деветтата минута или вкупно 621 минута.
Рекордни се и шестте победи по ред, како и натпреварите без примен гол по ред, но и седумте меча без пораз во низа. На овие шест дуели по 3-0 славевме на гостувањата кај Летонија и Лихтенштајн, по 2-0 ги добивме двата меча против Ерменија, а минимални 1-0 имавме во дуелите против Летонија и Фарските острови на домашен терен.
Во вторник нѐ очекува нов меч од квалификациите за Светското првенство, против Велс на домашен терен, па може само да се надеваме дека оваа рекордна низа ќе трае и после тој дуел.