Рељиќ освои бронзен медал во Софија, Ивановски подготвен за предизвикот во Атина

Македонските олимписки преставници од ЛОИ 2024 година во Париз не мируваат. Таеквондиствката Милијана Рељиќ имаше успешен настап на Бугарија Г-1 Опен во Софија. Во нејзината категорија, до 62, Милијана го освои бронзениот медал.

На стартот, Рељиќ беше подобра од Ингрид Искандар Поетри од Сингапур со 2:0 во рунди, а потоа во следното коло беше подобра и од Казахстанката Аиша Аделбикизи, исто така со 2:0 во рунди. Во полуфиналето нашата натпреварувачка загуби од Русинката Анастасија Банкова.

Со освоениот бронзен медал, Рељиќ заработи нови 3,60 поени за Олимписката и Светската ранг-листа и нови поени за квалификации за ЛОИ кои во 2028 година ќе се одржат во Лос Анџелес.

Активен е и нашиот најдобар на долги патеки, Дарио Ивановски, кој в сабота ќе замине на Балканското првенство во полумаратон во Атина. Минатиот месец Ивановски требаше да настапи на маратонот во Севилја, но, за жал, Дарио не отпатува во Шпанија поради здравствени проблеми.

Сега Ивановски е подготвен за нов голем предизвик, а тоа е полумаратонската трка во главниот град во Грција.

Рељиќ и Ивановски се дел од македонските олимписки спортисти кои неодамна потпишаа договор за стипендирање со Sport Life. Со тој договор, Sport Life уште еднаш потврди дека се работи за општествено одговорна компанија која се грижи за спортистите и помага да стигнат до подобри резултати во иднина.

 

- Оглас -

Најнови вести