Македонската олимписка таеквондистка Милјана Рељиќ имаше уште еден успешен настап на меѓународна сцена. Рељиќ се закити со бронзен медал од Г1 турнирот во Варшава, на кој се освојуваат и поени за пласман на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Со освоениот бронзен медал во Варшава, Рељиќ само потврди дека имала одлични летни подготови кои ги помина тренирајќи две недели на Попова Шапка, потоа седум дена во Кореа и 14 дена во Аман, главниот град на Јордан.
И периодот кој следува ќе биде интензивен со настапи за Рељиќ. Следуваат нови два Г1 турнири во Тирана и Подгорица, кои исто така се за собирање поени за ЛОИ 2028. По овие турнири, следува Светското првенство во Вукси, Кина, каде што целта е освојување медал.
„Во текот на летниот период имавме напорни тренинзи и подготовки, а сега е период во кој треба достојно да се претставиме. Во Варшава имавме успешен настап и освоивме медал, а сега целта е добро да поминеме и на следните турнири. Секако, нашиот фокус е и освојување медал на Светското првенство во Кина, каде што се добиваат голем број поени за место на ЛОИ 2028“, вели тренерот на Мила, Александар Ефтимов.