Алавес и Севилја ремизираа со по еден гол во двете мрежи во претпоследниот меч од шпанското првенство, а резултатот од 1-1 и исходот целосно ѝ одговараат на Барселона.
Каталонците останаа на врвот на табелата со 28 бодови, а Севилја со 27 е зад нив, но вечерва не успеа да победи во Баскија и да се врати како лидер по 14 одиграни натпревари.
Џони по асистенцијата на Џонатан Каљери погоди за Алавес во 37-мата минута, но речиси со идентичен гол Севилја израмни на 1-1 во 78-мата минута.
Пабло Сарабија со одличен центаршут го погоди Висам Бен Једер, а најдобриот стрелец на гостите беше прецизен и Севилја избегна пораз. Им требаше победа за да се вратат на врвот на табелата, но и на седмото гостување во Виторија не најдоа победнички рецепт.
Алавес остана на четвртата позиција со 24 бодови и е едно од најпријатните изненадувања во Ла Лига сезонава.