Рома и официјално потврди дека фудбалерите Ренато Санчес и Леандро Паредес ќе ги бранат боите на италијанскиот тим во новата сезона. Двајцата на „Олимпико“ пристигнаа од екипата на Пари Сен Жермен.
Санчес кај Римската волчица доаѓа како позајмен играч, а Рома може да го откупи договорот ако се исполнат одредени услови.
„Многу сум среќен што дојдов во овој клуб. Ме освои проектот на Рома, чувствувам дека донесов вистинска одлука. На секој играч му е важно да почувствува поддршка од навивачите. Уште првиот ден сфатив колку навивачите го сакаат овој клуб, а тоа може само да ми помогне да напредувам“, рече Санчес.
За Паредес ова е враќање во Рома затоа што тој беше во овој клуб во периодот од 2014 до 2017 година. Минатата сезона ја помина на позајмица во Јувентус, а сега направи трансфер во Рома.
„Секогаш е посебно чувството кога се враќам во Рим, но сега е уште попосебно затоа што сум играч на Рома. Им благодарам на навивачите кои ме пречекаа“, рече аргентинскиот репрезентативец.