Чука последниот час пред историскиот меч – Македонија и Италија со очекувани состави во првата битка за Катар (Фото)

Благоја Милевски и Роберто Манчини ги одбраа најавените состави за мечот во Палермо меѓу Италија и Македонија вечерва од 20.45 часот, во првата битка за пласман на Мундијалот во Катар.

Очекувано, македонскиот селектор,Милевски одлучи мечот да го почнеме со Димитриевски на голот, Стефан Ристовски и Езџан Алиоски како бекови и стоперите Висар Муслиу и Дарко Велковски.

Во средниот ред голема битка со европските прваци од Италија ќе бијат Аријан Адеми, Енис Барди и Бобан Николов.

Офанзивниот дел е во стандардната формација со Милан Ристовски како шпиц и Александар Трајковски и Дарко Чурлинов на крилните позиции.

И Манчини го одбра стартниот состав што се очекуваше, и тоа без целата комплетна одбрана Ди Лоренцо, Спинацола, Бонучи и Кјелини и без првата ѕвезда на ЕП, Кјеза, кој е повреден.

Донарума ќе го брани голот на Аѕурите вечерва на „Ренцо Барбера“, а во одбраната се Флоренци, Палмиери на бочните позиции и стоперите Манчини и Бастони.

Средниот ред е стандарден со Барела, Жоржињо и Верати. Во нападот главна закана за нашиот гол ќе биде најдобриот стрелец во Серија А, Чиро Имобиле, а десно е Берарди и лево Инсиње како поддршка за напаѓачот на Лацио во офанзивниот дел на Италија.

Победникот од баражот во Палермо ќе го игра завршниот меч за настап на Светското првенство во Катар против Португалија или Турција на гости на 29 март.

 

- Оглас -

Најнови вести