Кошаркарскиот репрезентативен центар Љубомир Младеновски в недела вечер ќе биде еден од адутите на Работнички на големото дерби против МЗТ Скопје Аеродром, а во пресрет на битката во „Јане Сандански“ прифати во „Sport Life“ да состави хуманитарен тикет со прогнози на пет фудбалски натпревари.
На популарниот Бубе нема да му биде лесно што по неколку години првпат ќе биде во улога на гостин во Аеродром, подготвен е на можни напади и навреди од фановите на МЗТ, но верува во можностите на неговиот тим.
„Имаме нов играч, игравме пријателска со Гостивар за тој да го почувствува стилот на игра, плус тоа имаме повеќе денови за подготовка, тоа ни е предност. МЗТ нема толку време да се фокусира на тој меч. Мислам дека сме поспремни отколку на првиот меч во нашата сала, тој дуел не е мерило, сега сме сосема друг тим, со нови играчи. На МЗТ нема да му биде лесно може и да ги изненадиме. Првпат ќе играм против МЗТ, може ќе има и негативни реакции, но јас нема многу да се фокусирам на тоа, си имам задачи, на терен ќе покажам што треба“, најавува Младеновски.
НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ИМА КВАЛИТЕТ ДА СЕ ПЛАСИРА НА ЕВРОБАСКЕТОТ
Младеновски играше малку на дуелите со Естонија и Русија, но беше во тимот и жали што резултатите се такви какви што беа, но оптимист е дека загубеното може да се надомести.
„Со Естонија бевме малку и во еуфорија, сакавме да се покажеме, мое мислење е дека изгоревме во тоа прво полувреме. Со Русија беше сосема друга игра, видовме дека можеме да се носиме со селекции од таков калибар. Ништо не е завршено, може да изненадиме на гости и потоа во февруари селдната година дома да извлечеме поволен резултат и да се бориме за тоа трето место. Подмладувањето беше неизбежен потег, имаме квалитет за да играме на ЕП. Немаме толкаво искуство на меѓународна сцена, но со Русија се виде дека тие не се многу појаки од нас, туку само имаат повеќе одиграни квалитетни мечеви“, смета Младеновски.
ПОРАНО БИЛ СИМПАТИЗЕР НА МИЛАН И МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
„Искрено, во животот само трипати имам одиграно ливче во обложувалница, и тоа во средношколските денови кога сите другари уплаќаа, па и мене ме убедија. Но, генерално не ме привлекувале такви работи. Не сум имал добивки, не верувам дека можам да добијам награди и не играм игри на среќа. Мислам дека повеќе се губи, отколку што се добива“, вели Младеновски, но можеби овојпат ќе му се посреќи.
„Фудбал послабо следам во последните години. Целосно сум фокусиран на мојата работа, кошарката, а порано Милан ми беше омилен тим, со Шевченко и Инѕаги, кога играа тие генерации. Исто и Манчестер јунајтед ми беше симпатичен во годините кога Кристијано Роналдо се пробиваше на светска сцена. Сега гледам само кога е завршница на Лигата на шампионите, па и јас се вклопувам во еуфоријата за да не останам покус и надвор од случувањата“, додава Бубе.
ПОСЕТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА СЛЕПИ ЛИЦА МУ ОСТАВИЛА СИЛЕН ВПЕЧАТОК
Центарот на центарци нема големо обложувачко искуство, но посакува тикетот да му биде добитен за да им помогне на слепите и на лицата со оштетен вид.
„Неодамна со екипата на Работнички бевме во посета на Здружение за слепи и лица со оштетен вид и целата атмосфера таму некако ми остави силен впечаток и ми остана врежана во сеќавање. Затоа, ако тикетот биде добитен, таму би ги донирал парите“, заклучува Младеновски, кој ги прогнозираше исходите на пет меча од англиската Премиерлига.