Поранешниот африкански шампион, фудбалската репрезентација на Замбија, се соочува со можност за исклучување од сите натпреварувања на ФИФА и покрај тоа што се надева на пласман на Светското првенство.
Замбија, која води тешка борба за обезбедување место во баражот за СП 2026 година, наскоро би можела да биде суспендирана од сите натпреварувања под капата на ФИФА. Сепак, причината за оваа можна казна не е онаа што првично беше објавена во медиумите.
Имено, во јавноста се појавија информации дека Замбија би можела да биде суспендирана поради тоа што неодамна одигра пријателски натпревар со Русија.
Иако Русија е исфрлена од сите официјални натпреварувања, тоа не е клучниот проблем за Замбија. Оваа селекција се соочува со можна суспензија поради политичко мешање во работењето на Фудбалската федерација на Замбија.
Причината за потенцијалната суспензија е вмешаноста на политиката во изборот на раководството на Федерацијата, односно влијанието на властите врз изборот на нов претседател.
Прописите на ФИФА строго го забрануваат политичкото влијание и вмешаноста на трети страни во фудбалските работи на која било земја. Во февруари, претседателот на Фудбалската федерација на Замбија, Ендру Каманга, без проблеми доби трет мандат бидејќи сите осуммина останати кандидати беа дисквалификувани.
Подоцна беа покренати независни жалби, при што беше откриено дека дисквалификациите на четворица кандидати биле неосновани, по што тие беа поништени.
Нов круг на избори треба да се одржи помеѓу 15 и 29 март.