Репрезентацијата на Швајцарија забележа победа во последното трето коло од групната фаза и тоа против Полска со 30:28 и на тој начин се пласираше во втората рунда од Мундијалот.
Швајцарија на планетарниот собир дојде со покана откако не успеа да го помине баражот за пласман на завршницата. Сепак, како вистински потег се покажа добивањето на „вајлд-карта“ затоа што токму Швајцарија славеше над Полска и со една победа, едно реми и еден пораз заслужено оди понатаму.
Полска подобро го започна мечот и поведе со 3:1. Сепак, Швајцарија брзо се консолидираше и поведе со 7:5. До крајот на првото полувреме Швајцарија стигна и до три гола предност (18:15).
На почетокот на второто полувреме Швајцарија поведе и со 21:15. Сепак, тука не беше крајот. Полска со серија од 7:1 успеа да израмни на 22:22, а потоа беше и 23:23.
Во клучните 10-тина минути Швајцарците сепак имаа повеќе сила и знаење. Поведоа со 27:24 и до крајот на средбата не дозволија да бидат изненадени.