Фудбалската репрезентација на Австрија утре ќе гостува кај Казахстан во меч од петтото коло во Лигата на нациите. Австрија има седум бода, колку што имаат и Норвешка и Словенија, а Казахстан е последен само со еден бод.
Австрија е фаворит, но во редовите на овој национален тим има немир. Се шпекулира дека се подготвува смена на селекторот Ралф Рангник, а причина за тоа секако не се резултатите. Под водство на Рангник, Австрија игра одлично, резултатите се добри, но сепак има проблеми од нефудбалски причини.
Причината е борбата за превласт. Селекторот Рангник го крена гласот бидејќи неговиот близок соработник и поранешен генерален директор Бернард Нојхолдс доби отказ откако го „предизвика“ претседателот на Федерацијата Мителдорфер за позицијата прв човек на австрискиот фудбал.
И поради тоа, Рангник сега би можело да биде сменет, иако има договор до Светското првенство во 2026 година. Сепак, ова може да биде „меч со две острици“, па Рангник би можело да го „избрка“ Мителдорфер бидејќи има силна моќ во Федерацијата.
Германецот се занимава со сите тимови и проекти во организацијата, работи со млади луѓе, дури и се вклучува во инфраструктурни прашања, сè за да им помогне на Австријците да продолжат со нивниот напредок. Затоа е ценет во тамошниот фудбал и има самодоверба.
Меѓутоа, сега се чувствува недоволно слушнат бидејќи застана против претседателот. Сепак, тој има ас во ракавот, а тоа се играчите. Сите репрезентативци на чело со Марко Арнатовиќ испратија отворено писмо до јавноста да му дадат поддршка на Рангник, човекот кој само пред неколку месеци одби понуда од Баерн Минхен.
Тие побараа одговори од Мителдорфер во врска со Рангник и добија – опомена. Сè затоа што се вклучија во нефудбалски работи.
„Ние не сме само фудбалери кои глупаво ја шутираат топката. Ние имаме мислење, мора да го почитувате. Изградивме нешто и се залагаме за професионализам. Така треба да работат сите во Федерацијата“, вели стоперот Максимилан Вебер.