Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) за новата сезона во Формула 1 подготви револуционерна алатка која ќе помогне за многу подобра примена на правилата.
Досега најголема главоболка за стјуардите за време на трките беше излегувањето на болидите надвор од границите на патеката.
На пример: само на Големата награда на Австрија во 2023 година судиите добиле дури 1.000 барања за прегледување снимки од ситуации кога болидите биле на границата на патеката, а сега ФИА одлучи сѐ да стави во рацете на вештачката интелигенција.
Создаден е систем наречен ECAT (Every Car All Turns), кој со помош на вештачка интелигенција и напредна анализа на податоци ќе го следи секој болид во секој свиок во реално време и веднаш ќе ги испраќа податоците во централниот систем што го користат стјуардите – RaceWatch.
На тој начин судиите веднаш ќе добиваат информација кога болид ќе ја помине белата линија, односно сината линија воведена во 2024 година за поедноставен надзор.
ФИА автоматски ќе им испраќа фотографии на тимовите за секој прекршок на нивните возачи.
Примената на системот ECAT ќе ја видиме уште на првата трка од сезоната – Големата награда на Австралија на 8 март.

