Премиер лигата во наредните денови ќе ја одобри употребата на посебната измена во случај на повреда на главата кај фудбалерите. Англиските медиуми тврдат дека оваа револуционерна промена ќе биде достапна почнувајќи од 23-тото коло на шампионатот, поточно од 6 февруари.
Вкупно две измени се овозможени за двете екипи доколку се случи немил инцидент за време на натпреварот во кој одреден играч се здобие со повреда на главата. Доколку едниот тим ја употреби оваа измена, и другиот тим има право да посегне по смена во составот доколку е потребно.
Ваквиот тип на промена на правилото околу измените во Премиер лигата е потребно со оглед на тоа дека повреди на главите не се редок случај, а последен кој страдаше беше Раул Хименес, напаѓачот на Вулверхемптон, кој при воздушен дуел со Давид Луиз во мечот против Арсенал, беше тешко повреден и веќе два месеци е вон терените.
Исто така познат случај по кој еден фудбалер предвреме мораше да ја прекине кариерата, беше Рајан Мејсон, поранешниот член на Хал сити. Англичанецот во јануари 2017 година во дуелот против Челзи беше тешко повреден при судир со главите со Гери Гејхил, по што се здоби со трајни последици и му беше забрането да продолжи со фудбалот.