Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, најави голем проштален меч за македонските ракометни легенди Кирил Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов. Ова било договорено на денешната седница на Управниот одбор на РФМ.
Има неколку идеи како да изгледа тоа, а опциите се да биде организиран посебен натпревар на кој трите легенди би се простиле од публиката или да има некаква церемонија на некој претстоен квалификациски натпревар во Скопје.
Миркуловски и Стоилов потврдија дека ги одиграа своите последните натпревари за националниот тим, а веројатно тоа ќе го стори и Лазаров, кој летово планира да ја заврши клупската кариера и ќе биде само селектор на Македонија.
„Сакам да искажам огромна благодарност до Миркуловски и Стоилов. Тие заедно со Лазаров заслужуваат величествено испраќање и околу тоа планираме посериозна организација. Сакаме да им се заблагодариме со проштален меч пред полна сала, онака како што заслужуваат. Тие беа модел за тоа како треба да изгледа секој репрезентативец“, рече Мукаетов, кој ќе остане на чело на Федерацијата, иако претходно размислуваше да се повлече.