Интересна вест доаѓа од Островот, поточно од Англија, каде што главната улога ја има познатата естрадна ѕвезда Ријана. Пејачката, заедно со поддршката на нејзиното момче Ракем Мајерс, познат како ASAP Rocky, има желба да купи фудбалски клуб.
Ријана и нејзиното момче веќе испратиле понуда од 15 милиони фунти за купување на Транмере Роверс, англиски клуб од пониска лига.
Адвокатот Џо Тачопино, кој е соработник на оваа двојка за финасиски трансакции, ја потврди приказната за англиските медиуми.
„Преговорите се започнати и многу сме блиску до постигнување на целта. Наскоро треба да се потпише договорот, а Ријана ќе ја гледаме на натпреварите во Лига два“, изјави Тачопино.
Ријана има цел да го доведе Транмере Роверс од четвртиот ранг на англискиот фудбал до Премиер лигата и сонува за тим кој ќе се бори за шампионската титула.
Приказната е многу сериозна, а сегашниот сопственик на Транмере Роверс, Марк Палиос, нема ништо против продажбата на клубот сѐ со цел за напредок.
Нема сомнеж дека со влегувањето на познатата естрадна двојка во клубот, Транмере Роверс би бил финансиски еден од најсилните тимови во Лига два.
Новата сезона во четвртиот ранг на фудбалот Транмере не ја започна најдобро и моментно се наоѓа на 16-тото место со 14 освоени бодови.