
Селекторот на Данска, Брајан Ример, порача дека неговиот тим нема намера да влезе во натпреварот со непотребен притисок и очекува неизвесна пресметка против Македонија што ќе се решава во самиот финиш oд полуфиналниот бараж.
„Кога ќе излеземе на терен утре, нема да се обидуваме да го решиме натпреварот во првите 20 минути. Подготвени сме за дуел што може да се одлучи дури на самиот крај. Најважно е да не дозволиме да нè совлада нервозата. И фановите треба да се подготват за долг и исцрпувачки меч кој ќе ги тенчи нервите“, истакна Ример на денешната прес-конференција.
Ример дополнително потенцираше колкаво значење има овој натпревар за него и за репрезентацијата.
„Со начинот на којшто го градев мојот живот, ваквите моменти се сè. Кога сум во ваква ситуација, како што е пласман на Светско првенство, постои само една цел. Ништо друго не е важно. Македонија е квалитетен тим, но ние посакуваме единствено победа“, изјави данскиот селектор.
Тој додаде дека притисокот е огромен, но и дека тимот е свесен за тоа.

