Џенаро Гатузо ќе му биде тренер на Елиф Елмас најмалку уште една сезона откако спортскиот директор на Наполи, Кристијано Џунтоли, објави дека популарниот Рино сигурно останува на клупата на актуелниот вицешампион на Италија.
„Епидемијата со Коронавирусот ги одложи разговорите со Гатузо, но верувам дека нема да има проблем и дека Рино ќе остане кај нас. Задоволни сме од неговата работа, а и тој самиот го истакна тоа. Верувам дека ќе постигнеме договор да остане во Наполи“, вели Џунтоли.
Гатузо во декември лани го наследи Карло Анчелоти на клупата на вицешампионот на Италија и се очекуваше да биде краткорочно решение.
По скромниот старт тимот почна да игра многу подобро до прекинот на натпреварите и има шанси да биде финалист во Купот ако во Италија има продолжение на сезоната.
На 12 кола до крајот, Наполитанците се на шестото место со 39 бода, девет помалку од позициите што водат во Лигата на шампионите.