„Рисовите“ со наострени канџи најавуваат победа и ништо друго

Македонската фудбалска репрезентација на стадионот во Вадуз од 20.45 гостува кај Лихтенштајн од Лигата на нации, а од редовите на „црвено-жолтите“ доаѓаат само оптимистички тонови. Селекторот Игор Ангеловски најави дека ќе играме за голема цел, а ќе избере фудбалери кои ќе донесат победа. Тој нема да смета на Елиф Елмас и Езџан Алиоски, но и без нив, Македонија е фаворит.

„Ќе изберам 11 фудбалери кои треба да ни донесат победа. Верував во оваа репрезентација кога малкумина веруваа. Не е важно против кого играме, туку за што играме, а играме за голема цел. Сите се добро подготвени, па така и Столе Димитриевски. Јас кажав дека тој е прв голман, тој брани во Примера и воопшто не се сомневам ни во него, ни во останатите“ – изјави Ангеловски.

Капитенот Горан Пандев вели дека оваа репрезентација ќе потврди дека е најдобрата во групата.

„Поразот во Ерменија беше една лоша вечер за нас, но и за судијата. Добро се познаваме со Лихтенштајн, често играме против нив во последните години и мислам дека ако одиграме како што знаеме, нема да имаме проблеми. Ова е нашата најквалитетна селекција и тоа ќе го докажеме. Само да влеземе со чисти глави и нема да имаме никакви проблеми. Разликата од 100 места на ФИФА листата со Лихтенштајн не мора ништо да значи. Најважни се три бода, без разлика со кој резултат, а потоа в понеделник да го прославиме првото место во групата“ – вели Пандев.

Македонија ќе има поддршка од нашинците кои живеат во Западна Европа и тоа треба да биде мотив плус за „рисовите“ да покажат дека се поквалитетни од Лихтенштајн.

- Оглас -

Најнови вести