Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз од 14:24 од Франција го започна настапот на Европското првенство.
Крилото на ЦСКА Москва и лидер на женската репрезентација на Македонија, Сара Ристовска и покрај убедливиот пораз од олимпискиот шампион, е задоволна од прикажаната игра на ракометарките бидејќи се бореа до последната минута.
„Чувството беше прекрасно да се игра пред сите овие луѓе на трибините. Се боревме како лавици до последна минута, не се предававме. За жал почнавме многу лошо, во првите 15 минути направивме многу технички грешки и промашивме неколку удари, но не се откажавме. Кога го дадовме првиот погодок бевме премногу возбудени. Треба да веруваме во себе, сè уште ништо не е загубено, се надевам дека во понеделник ќе одиграме подобро против Холандија и ќе се обидеме да победиме со што би се пласирале во втората рунда“, изјави Ристовска.
Македонија во второто коло ќе игра против Холандија в понеделник од 18 часот.