Македонија победи вчера против Ерменија со 2:1 и на посакуван начин стартуваше во новата сезона од Лигата на Нации. Нашите фудбалери немаат многу време за радост и опуштање, затоа што веќе задутре ги очекува нов предизвик, а тоа е дуелот против Грузија на гостински терен. Грузијците синоќа славеа со 0:1 на теренот на Естонија и покажаа дека се межу главните конкуренти за првото место во групата.
Илија Несторовски вчера беше стрелец на еден од двата гола против Ерменија и најави дека и покрај недоволната физичка подоготвеност на фудбалерите, против Грузија ќе се атакува на добар резултат, затоа што Македонија има повеќе од 11 квалитетни репрезентативци.
„Доста играчи не се во натпреварувачки ритам. Подготовиките ни започнаа пред седум-осум дена, но имаме голем фонд на играчи. Ете против Ерменија на клупа беа Пандев Трајковски, Велковски, Зајков…Сигурно дека максимално ќе бидеме подготвени за мечот против Грузија и дека селекторот може да направи неколку измени и да ја задржи свежината во екипата“, вели Несторовски, кој потенцираше дека на вчерашниот дуел, еден од најголемите противници на Македонија бил лошиот терен на арената „Тодор Проески“.
„Не е важно дали Несторовски или Алиоски даде гол. Битно е што стартувавме со победа. Знаеме во какви услови игравме. Ова беа ненормални услови. Беше 30 степени во три попладне, плус теренот никогаш не бил во полошо издание. Беше навистина тешко да се игра,но најважно е што стартувавме со победа. Голема пофалба до сите играчи и кои се вклучени во репрезентацијата.“, заврши голгетерот на Удинезе.
Многу поекстремен во изјавата околу теренот беше Стефан Ристовски кој ја носеше капитенската лента на овој дуел против Ерменија. Ристовски најави дека ако не се подобри состојбата на теренот, тогаш репрезентацијата треба да игра на друго место.
„Сакам да им честитам на момците. За мене ова не се само три бода, за мене овие три бода се вредни како злато. Од страна Гајле ми е дали сме играле добар фудбал, затоа што на ваков терен тоа беше невозможно. Сакам да упатам една порака до надлежните на градскиот стадион. Пред три години тука се играше Суперкуп на Европа, а срамота е како сега делува теренот. Збориме за Македонија која сака да игра на Европско првенство. Ако вака мислат да продолжат со ваков терен тогаш да најдеме некој друг терен. Ние со недели сме затворени во карантини за да дојдеме да изгинеме за македонскиот дрес, а вака да бидеме пречекани е голема срамота. Затоа за мене ова е повеќе од само три освоени бода.“, вели Ристовски.