Динамо Загреб по третпат во четири кола загуби во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА, па хрватскиот првак сега е последен во групата само со три бода. Синоќа Динамо минимално со 1:0 беше поразен од Викторија П’лзењ со гол примен од пенал, а во последните секунди од средбата беше поништен погодок на Модрите.
Според ВАР-системот, некогашниот македонски репрезентативец Стефан Ристовски, кој беше асистент за погодокот на Сандро Куленовиќ, се наоѓал во офсајд. Фотографијата покажува дека Ристовски за милиметар бил во недозволена позиција, но тренерот на Динамо верува дека аголот од којшто е фатена спорната ситуација е лош и дека воопшто немало офсајд.
„Пеналот кој е досуден против нас е смешен. Значи во шеснаесетникот само погоди некој во рака и тоа е пенал. На крајот, дури и гол ни поништија. Таа линијата што е подвлечена можеше да биде каде било. Ако го гледаме задникот на домашниот играч, Ристовски никако не може да е во офсајд. Аголот од камерата е смешен“, разочарано коментира тренерот на Динамо, Сергеј Јакировиќ.
Ристовски не сакаше да коментира околу моментот во којшто е досудено дека е во офсајд, но упати порака на својот инстаграм-профил, каде што ја има поставено фотографијата од спорниот момент, плус два кловна.