Македонскиот интернационалец Стефан Ристовски вчера на гостувањето кај Вараждин беше во улога на капитен на Динамо Загреб, а по мечот рече дека победата вреди како 6 бода поради условите за игра.
„Би рекол не три, туку како да освоивме шест поени со оглед на условите. Навистина, ова е под секое ниво на професионален фудбал. Мило ми е што победивме и тоа е најважно. По исклучително тешките 90 минути во средата против тежок противник како Монако, да се дојде на ваков терен и да се прилагоди, да се покаже ваков карактер, тоа ми е фасцинантно, честитки до сите“, рече Ристовски.
Оваа изјава на Стефан не им се допадна на многу навивачи, па почнаа да го критикуваат бекот.
„Каков беше теренот во Минхен кога примивте 9 гола?“, „Како му беше на Монако на вашиот терен на Максимир?“, „Оди во твојата Македонија, таму терените се подобри“, „Добар играч е, но сè му пречи“ беа дел од коментарите против нашиот фудбалер.