Ристовски ќе се бори како лав за Спортинг да го избегне најлошиот биланс во последните 26 години

Стефан Ристовски и соиграчите утре ќе бијат две важни битки на еден меч, на градското дерби на Лисабон против Бенфика.

Првата и поважна е да освојат барем еден бод и да го освојат третото место што им носи директен пласман во Лигата на Европа, што за Спортинг значи гарантиран приход од 3 милиони евра.

Втората битка е за да се избегне сезона со сите порази од двата најголеми ривали Порто и Бенфика во ист циклус натпревари.

Досега имаат четири порази, и тоа со катастрофална гол-разлика од 1:11. Бенфика ги декласира уште пред стартот на првенството со победа од 5:0 во меч од Суперкупот на Португалија, а потоа ги победи и со 2:0 на гостински терен, на „Жозе Алвеладе“.

Популарните Лавови од Лисабон ги загубија и двата дуели со шампионот Порто, а беа поразени со 1:2 и со 0:2, па петти пораз утре ќе ги врати на лошите спомени од пред 26 години.

Тогаш во сезоната 1993/94 во која тренери на тимот беа Боби Робсон и Карлос Кеирос Спортинг загуби пет од пет во првенството и во купот против најголемите ривали Бенфика и Порто.

 

- Оглас -

Најнови вести