Капитенот на Македонија, Стефан Ристовски беше многу разочаран, а и сите останати играчи се тажни во соблекувалната.
„Многу јасна слика. Одигравме прво полувреме и класичен македонски менталитет во второ полувреме. Очигледно останува да работиме на тој сегмент, ако сакаме во иднина да направиме нешто. Фудбалот се игра 90 минути, тоа го повторува и тренерот и ние поискусните, но ете денеска имавме класична слика на две полувремиња. Издоминиравме во првото полувреме, а во второто изгледа останавме во соблекувалните. Им честитам на Украинците“, вели Ристовски, кој потенцираше дека не може да се игра 90 минути во исто темпо посебно ако има фудбалери кои неколку месеци не се во натпреварувачки ритам.
„Ова е тежок удар сите сме тажни. Веројатно ќе извлечеме некои поуки од овие мечеви. Следи Англија, одиме да се натпреваруваме. доволно сме искусни, знаеме ваков ритам што носи. За некои играчи овој меч е прв после три-четири месеци. Сами сме си криви. Ова е само втор меч во квалификациите и секако дека уште се надеваме на пласман на ЕП“, заврши Ристовски.