Динамо Загреб го претрпе најтешкиот пораз во клупската историја откако загуби со 9:2 на гостувањето кај Баерн Минхен во првото коло од Лигата на шампионите. По дебаклот, хрватските медиуми пренесуваат дека посебно разочаран бил Стефан Ристовски.
Некогашниот македонски репрезентативец, кој е еден од омилените кај навивачите на Динамо, по поразот во Минхен имаше искрена реакција.
„Прво сакам да им се извинам на сите навивачи на Динамо. Се надевам дека може да ни простат и дека ќе бидат покрај нас. Не е лесно да се излезе пред новонарите по еден ваков пораз. Мораме да бидеме свесни дека не го претставуваме само Динамо, туку и хрватскиот фудбал. Како тим мора да се извлечеме од ова и убеден сум дека ќе можеме. Сега е најлесно да се впери прстот кон некого и да се каже дека е виновен“, вели Ристовски, кој додаде дека сега во клубот е потребна сплотеност.
„Само сите заедно можеме да се извлечеме од оваа ситуација. Што и да кажам не е недоволно кога ќе се примат девет гола. Динамо низ годините гради имиџ и ова е неприфатливо за сите нас. Имам само една молба, да останеме заедно и да продолжиме напред. Се надевам дека ова нема да остави трага и дека ќе продолжиме со добри игри во домашното првенство. Немаме премногу време да размислуваме за тоа. Веќе в сабота имаме меч од домашното првенство“, потенцираше Ристовски.