Македонската фудбалска репрезентација ги одработува последните подготовки пред двата јунски меча од квалификациите за Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија. Македонија има три бода по победата над Малта, а целта е салдото на бодови да биде зголемено по дуелите со Украина (16 јуни) во Скопје и Англија (19 јуни) во Манчестер.
Еден од оние кои ќе биде задолжен да биде опасност пред противничките голови е Милан Ристовски. Напаѓачот е полн со оптимизам и верува дека Македонија може да ја совлада Украина.
„Треба да влеземе мотивирани како на секој меч и ќе биде сè како што посакуваме. Играме на домашен терен и мора да покажеме желба на највисоко ниво ако сакаме да победиме еден таков квалитетен противник. Кога ќе се облече дресот на репрезентацијата, не постои замор, а тие 7 дена како подготовка добро ни дојдоа. Енергија е на највисоко ниво и одиме на победа“, вели Ристовски.
Украина вечерва на гости кај Германија одигра контролен меч и резултатот на крајот беше 3:3. Панцерите со два гола во последните 10 минути се спасуваа од пораз во дуелот со Украина.
Македонија и Украина играа пред две години на Европското првенство, а тогаш Украинците беа подоби и победија.
„Сигурно дека овој ќе биде поразличен од мечот на ЕП. Сепак, тој дуел ќе ни послужи како анализа затоа што во нивниот состав има голем дел од играчи кои уште играат. Ние играме дома и се надевам дека ќе ја израдуваме нашата репрезентација. Подеднакво мотивирани треба да бидеме на сите мечеви ако сакаме да освоиме три бода“, потенцираше Ристовски.