Стефан Ристовски е подготвен за големото дерби во хрватското првенство меѓу Динамо Загреб и Риека и повторно се враќа на местото на успехот, на „Руевица“, каде што со поранешниот клуб Риека оствари историски успех во сезоната 2016/17.
Тогаш, како што ја нарекуваат златната генерација на Риека, го оствари најголемиот клупски успех со прва двојна круна.
Ристовски беше дел од тимот што стана шампион на Хрватска, а и го освои пехарот во Купот.
„И сега имаат добар тим, но реално се далеку од нивото што Риека го имаше со таа генерација. Се радувам што ќе се вратам на Руевица бидејќи имам супер спомени од ерата кога играв за Риека. Секако, сега сакам Динамо да победи, но нема да биде лесно“, вели Ристовски.
Пред дербито што ќе се игра во недела од 20 часот, Ристовски не заборави да одговори и на прашањето на новинарите на „Спортске новости“ дали жали за пласманот на Мундијалот во Катар со Македонија.
„Тешко е да се победат два светски гиганти, Италија и Португалија, на гостински терен само за пет дена. Игравме машки и остваривме голем успех, иако Македонија нема да игра на Светското првенство во Катар. Па и на една Германија никој не би ѝ гарантирал успех на два меча едноподруго на гостински терен против Италија и Португалија“, вели капитенот на македонската репрезентација.
Со Динамо сега има голема шанса да ја одбрани шампионската круна освоена лани, а вели дека би било идеално популарните Модри да бидат прваци, а Риека да го освои пехарот во Купот.
„Е тоа би била супер варијанта. Ние да ја победиме Риека во недела, па потоа мојот поранешен клуб да го победи Хајдук во финалето на Хрватскиот куп. Би се радувал на таков расплет на сезоната“, заврши Ристовски.