Кариерата на Хесе Родригес оди во надолна линија, а некогашната Златна копачка во младинска конкуренција си замина од Спортинг Лисабон.
Тренерот Рубен Аморим објави дека Хесе и Јаник Боласи не се во неговите планови и можат да си бараат нов клуб. Хесе беше најдобар стрелец на младинското ЕП за играчи до 19 години во 2012 година, кога Шпанците станаа европски прваци, а беше најавуван како голем талент.
Пет сезони беше член на Реал Мадрид, од каде што се пресели во Пари Сен Жермен, но одигра само 10 натпревари за француските Светци.
Потоа почнаа позајмиците во Лас Палмас, Стоук, Бетис и сега во Спортинг, каде што му беше соиграч на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски.
Хесе одигра само 12 меча за Лавовите и многу брзо испадна од шемата што ја наметна новиот тренер Рубен Аморим, па мора да си замине, веројатно повторно на позајмица во петти клуб по ред.