Напаѓачот на Бохемијанс Прага и на македонската репрезентација, Милан Ристовски, смета дека Македонија заслужи да победи на синоќешниот натпревар против Молдавија (1:1), но поради едно невнимание не се радуваа на крајот.
Според Ристовски, добра страна од дуелот со Молдавија е тоа што Црвено-жолтите создадоа доста шанси, но смета дека може да се одигра уште подобро и тоа ќе се обидат да го покажат в понеделник на натпреварот против Црна Гора.
„ Сметам дека одигравме генерално добар натпревар, имавме контрола поголем и доминиравме на мечот. Но за жал, по едно невнимание примивме гол во финишот и не победивме.
Секогаш сум самокритичен и сметам дека секој од нас секогаш може подобро. Но, од друга страна, дадовме се од себе против Молдавија, создадовме доста шанси и штета е што не успеавме да дадеме уште некој гол за да го затвориме мечот во наша полза.
Сигурно е дека не очекува тежок натпревар в понеделник. Играме против многу квалитетна репрезентација и ако сакаме да бидеме конкурентни ќе мора да играме на повисоко ниво“, вели Ристовски.