Динамо Загреб утревечер во Бодо игра против норвешкиот првак Бодо/Глимт во првиот меч од финалниот плејоф за влез во групите од Лигата на шампионите. Хрватите „против себе“ ќе го имаат и теренот, кој е со вештачка трева.
Македонскиот десен бек Стефан Ристовски рече дека необично е што ќе се игра на вештачка трева, но тоа не треба да им биде алиби за евентуален пораз.
„Динамо има високи цели, заслужува да биде во групната фаза во ЛШ и со квалитетот што го имаме, уверен сум дека ќе успееме. Теренот е со вештачка трева, а најавен е и дожд. Малку клубови играат на ваков терен, но мора да се прилагодиме. Не дека не сум играл и на вештачка трева. Не би барал алиби во тоа, професионалци сме“, изјави Ристовски.