Ривалство што трае три века – Сити и Јунајтед се подготвени за саботна фудбалска треска во Манчестер

Питер Шмајхел може на раат да го следи големото дерби на Манчестер меѓу Сити и Јунајтед, а легендарниот голман е единствениот непоразен актер на сите мечеви што ги играл во големата битка на екипите што го делат градот на црвениот и синиот дел.

Шмајхел бранеше десетпати за Манчестер јунајтед против Сити и нема пораз на дербито, а двапати и како голман на Сити остана непоразен.

Рајан Гигс легендата на Јунајтед е човекот со најмногу настапи на дерби дуелите и ги има точно 36, а токму во неговата ера Манчестер сити немаше победа над големиот ривал дури 13 години по ред.

На почетокот на приказната ривалитет воопшто и немало, па преминот на четворица играчи од Сити кај Јунајтед во јануари 1907 година се сметало како помош за соседите.

Пред Втората Светска војна важело правилото да се оди и на мечевите на Манчестер сити и на Манчестер јунајтед, па истата публика навивала за двата тима од градот.

Ривалитетот меѓу двата клуба се засили во 70-те години од минатиот век, кога се случи и првиот голем инцидент на дерби мечевите.

Легендарниот Џорџ Бест му ја скрши ногата на ривалот од Сити, Глин Парду, па дојде до препукување на двете страни и конечната поделба на црвениот и синиот дел од градот.

само три сезони подоцна се случи и еден од најконтроверзните моменти на дуелите на двата клуба. Исклучени беа Мајк Дојл и Лу Макари, а и двајцата одбија да го напуштат теренот, па судијата нареди сите фудбалери да заминат во соблекувалните додека не попушти инаетот на исклучениот двоец.

Доминацијата во титулите е на страната на Манчестер јунајтед, кој е најтрофеен клуб во Англија со 20 шампионски круни, грото во ерата на Сер Алекс Фергусон, а Сити има шест, четири од нив освоени во оваа декада.

Дербито што се одигра во сезоната 2009/10 на „Олд Трафорд“, а заврши со победа на Јунајтед од 4:3 на 20-годишнината од основањето на Премиерлигата беше прогласен за најдобриот меч во тие две декади од англиското првенство.

Легендарниот Сер Алекс Фергусон ќе остане запаметен и по изјавата за „бучните соседи, кои галамат без посебна причина“, објаснувајќи дека Манчестер јунајтед е поголем клуб од Манчестер сити.

Двата клуба си имаат своја армија навивачи, а заедно со 26 титули се само еден чекор зад големите ривали од Ливерпул, кои се рекордери со вкупно 27 шампионски круни на екипи од ист град.

Манчестер јунајтед има подобар биланс, досега забележа 73 победи, 20 повеќе од Манчестер сити во вкупно 178 дерби мечеви меѓу двата клуба во сите конкуренции. Нерешено завршија 53 меча, а денеска од 18.30 часот на ред е 179. дерби на Манчестер кое ќе се игра на „Етихад“ домот на Сити.

Можни состави:

Манчестер сити (4-3-3) – Едерсон – Вокер, Стоунс, Фернадињо, Менди – Де Брујне, Родри, Гундоган – Бернардо Силва, Жезус, Стерлинг. Тренер: Пеп Гвардиола.

Манчестер јунајтед (4-2-3-1) – Де Хеа – Ван Бисака, Мегваер, Лиделоф, Јанг – Мек Томинај, Фред – Џејмс, Лингард, Рашфорд – Гринвуд. Тренер: Оле Гунар Солскјер.

 

- Оглас -

Најнови вести