Ривер плејт и Бока јуниорс ќе го играат својот реванш меч од финалето на Копа Либертадорес, но тоа нема да се случи вечерва како што беше планирано. Ваква одлука донесе фудбалската федерација на КОНМЕБОЛ, а потврдата дојде од претседателот Алехандро Домингес.
Според КОНМЕБОЛ, не се создадени сите услови на нормално одвивање на натпреварот помеѓу аргентинските и градски ривали од Буенос Аирес. Клучна е повредата на окото на фудбалерот на Бока, Пабло Перес, на кого лекарите му забранија да настапи. Од Бока беа категорични дека нема да играат без капитенот.
„Со договор со клубовите, ќе најдеме нов термин за одигрување на натпреварот“ – рече Домингес.
Проблемот е што деновиве во главниот град на Аргентина ќе биде состанокот на Г20 групата и забранети ќе бидат сите собири на отворено, па можеби за титулата клупски првак на Јужна Америка, ќе треба да се почека до декември.