Состанокот на кој треба да се одлучи кога ќе се игра реваншот од Копа Либертадорес ќе се одржи утре, во Асунсион, Парагвај, а доколку се игра, сигурно ќе биде поставен нов рекорд во времетраење од еден до друг меч во некоја финална серија во континенталното натпреварување.
Досега најголемо растојание од првиот дуел до реваншот во финале на Копа Либертадорес биле 14 дена. Сега се најавува дека опциите за датум на реваншот се 5-ти и 8-ми декември. Доколку се игра на 5-ти декември, ќе поминат 24 дена од првиот дуел (се играше на 11-ти ноември), а ако се договорат да се игра во сабота на 8-ми декември, растојанието ќе биде дури 27 дена.
Пред 5-ти декември не може да биде, поради состанокот на светските челници од Г-20 во Буенос Аирес и ригорозните безбедносни мерки кои се преземаат, а не може ниту подоцна, бидејќи веќе на 18-ми декември, првакот на Јужна Америка треба да игра полуфинале на Светското клупско првенство во Абу Даби.