Само пред неколку дена Ривер плејт непријатно ги шокираше своите навивачи откако во последното коло од аргентинското првенство одигра само 1:1 на гостувањето против Атлетико Тукуман и на тој начин ја загуби титулата на која се израдува нивниот најголем ривал Бока јуниорс.
Дека тој шокантен резултат брзо го заборавиле играчите на Ривер, покажаа во дуелот против Бинасионал од Перу во второто коло од Копа Либертадорес.
Аргентинците на свој терен славеа убедливо со 8:0, иако првиот дел не најавуваше толку убедлив триумф. Во првите 35 минути, играчите на Ривер утнаа два пенали, а отпорот на гостите беше скршен со погодок пред крајот на првиот дел. На полувремето, Ривер водеше минимално со 1:0, а во вторите 45 минути следуваше вистинско гол-шоу.
Во првите 15 минути од вториот дел домаќините дадоа два гола, а во периодот од 74-тата до 92-рата минута Ривер уште петпати ја тресеше мрежата на гостите.