Ракометарите на РК Вардар 1961 имаат успешен старт во ЕХФ Европската лига откако на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа хрватскиот тим Сесвете со 34-29. Во меч со многу осцилации и кај двете екипи, подеми и падови, на крајот подобро се снајдоа избраниците на Иван Чупиќ.
На полувреме Вардар имаше водство од четири гола (19-15), во вториот дел зголеми на шест гола позитива, но имаше период од мечот и кога Сесвете успеа да стигне до егал (21-21).
По ова вардарци влегоа во серија, зголемија на 30-24 и го решија мечот. До крајот, сѐ беше рутина за тимот на Чупиќ.
Најефикасен во тимот на РК Вардар 1961 беше Хориха со седум погодоци.
Во второто коло вардарци ќе му гостуваат на Тулуз во Франција.