Вардар 1961 ја заврши својата задача со сигурна победа над Тиквеш (32-22) на гостински терен во претпоследното коло од плејофот на Суперлигата. Сега тимот од Скопје со позитивна атмосфера и самодоверба го очекува решавачкиот натпревар за шампионската титула против Еурофарм Пелистер во СЦ „Јане Сандански“.
Со оваа победа Вардар е на чекор од титулата – доволно е да не загуби од директниот конкурент Пелистер во саботниот дуел за повторно да се искачи на врвот на македонскиот ракомет и да се избори за „вајлд-карта“ за Лигата на шампионите.
Натпреварот во салата „Јасмин“ мина во доминација на гостите. Вардар силно тргна, поведе со 1-5 и веднаш јасно стави до знаење дека не доаѓа по ништо друго освен по победа. Иако Тиквеш накратко намали на 6-8, гостите со нов налет ја вратија контролата и на полувремето заминаа со водство од 9-15.
Во второто полувреме, Црвено-црните играа соодветно на резултатот, без преголеми напори, но со јасна цел да не дозволат каков било пресврт. Во 45-тата минута веќе имаа двоцифрена предност (15-25), а до крајот само рутински го одработија дуелот.
Покрај големото дерби за титула, кое ќе се одигра во сабота, важен натпревар го очекува и Тиквеш против ГРК Охрид, во борбата за европски излез.