Во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Виена денеска се одржа ждрепката за групната фаза на Европската лига, каде Македонија оваа сезона ќе има два претставника, Вардар како директен учесник и Алкалоид, кој ќе се обиде да обезбеди пласман преку квалификацискиот бараж.
Македонскиот вицепрвак Вардар 1961 беше сместен во вториот шешир и доби ривали по мерка во групата Ф. Црвено-црните ќе се соочат со Кристијанштад (Шведска), Тулуз (Франција) и победникот од бараж дуелот помеѓу Дуго Село и Сесвете (Хрватска).
Тимот на Алкалоид ќе се обиде да направи подвиг против германскиот претставник Хановер во бараж натпреварите. Доколку успее да го елиминира фаворитот од Бундеслигата, Алкалоид ќе обезбеди место во групата Г, каде ќе се натпреварува со Фредериција (Данска), Татран Прешов (Словачка) и победникот од дуелот Савехоф/Малме (Шведска).
Ждрепката беше делумно диригирана поради правилото кое не дозволува екипи од иста земја да играат една против друга во истата група.
Групите во Европската лига 2025/26
Група А: Флензбург, Потаиса Турда, Морс Ти/Сент Рафаел, Бидасоа Ирун/Брага
Група Б: Монпелје, Островија, Кил, Берн/Чаковец
Група Ц: Гранољерс, Слован, Скандерборг/Маритимо, Баиа Маре/Стјарнан
Група Д: Порто, Фрам, Елверум/Торелавега, Горење/Криенс
Група Е: Мелсунген, Ференцварош, Бенфика, Глогов/Карлскрона
Група Ф: Кристијанштад, Вардар 1961, Тулуз, Дуго Село/Сесвете
Група Г: Фредериција, Татран Прешов, Хановер/Алкалоид, Савехоф/Малме
Група Х: Кадетен Шафхаузен, Нексе, Адемар Леон, Партизан/Карвина
Новата сезона во Европската лига ќе започне со плеј-оф натпреварите кон крајот на август, додека групната фаза е закажана да започне на 14 октомври. Актуелен бранител на титулата е германскиот Флензбург.