Феенорд на свој терен загуби од Селтик со 1:3 во меч од Лигата на Европа на УЕФА. Холандскиот тим ја имаше фаворитската улога и поведоа со 1:0, но гостите од Шкотска потоа заиграа многу подобро и до полувремето го свртеа резултатот во своја корист за 1:2. До крајот на мечот, Селтик со погодок во 82-рата минута стигна до 3:1 и обезбеди мирна завршница на дуелот во Ротердам.
Покрај головите, овој меч го одбележа и дебито на Шакил ван Перси, син на прославениот Робин ван Перси. Тоа што е интересно е дека младиот 19-годишен Ван Перси во игра влезе по одлука на тренерот, неговиот татко Робин ван Перси.
„Ја донесов таа одлука како тренер, а не како татко затоа што ни требаше гол. Шакил е играч кој може да постигне гол од секој дел од теренот. Тоа беше причината зошто го внесов на теренот. Од гледна точка на татко, кога твојот син ќе дебитира, тоа е секогаш посебен момент. Но, не бев толку зафатен со уживање во тој момент, си ја работев работата како што работеше Шакил“, рече некогашниот прославен голгетер Робин ван Перси.
Младиот Шакил во игра влезе во 80-тата минута при резултат 1:2, а само две минути подоцна Феенорд го прими и третиот гол.
„Начинот на кој го гледам Шакил е како еден од играчите. Ова е она за што двајцата се согласивме пред неколку години, кога веќе работевме заедно. Шакил се справуваше со тоа навистина добро. Kога ќе бидеме дома, секако ќе имаме убав момент, кога ќе бидеме горди еден на друг. Горд сум на Шакил бидејќи како и секој играч што дебитира, постои цел процес пред да го направи своето деби. Работеше напорно, го заслужи тоа и, за него, е посебен момент“, додаде тренерот кој додека беше фудбалер, беше страв и трепет за противничките голови, а се надева дека еден ден и неговиот син ќе ги достигне тие фудбалски височини.
Низ фудбалската историја и порано имало вакви моменти кога таткото тренер му дава шанса на синот фудбалер да дебитира на големата сцена. Меѓу најпознатите се Јохан Кројф и Жорди Кројф, потоа Хари Реднап и Џејми Реднап, Стив Брус и Алекс Брус, Зинедин Зидан и двајцата синови Енцо и Лука, Алекс Фергусон и Дарен Фергусон, Диего Симеоне и Џулијано Симеоне, Дани и Делеј Блинд…
Деветнаесетгодишниот напаѓач помина две сезони во академијата на Манчестер сити, пред да ги следи стапките на својот татко со преселба во Феенорд во 2017 година и да го потпише првиот професионален договор со холандскиот клуб во 2022 година.
До 2025 година, Шакел беше именуван во првиот тим на Феенорд за првпат во неделниот пораз од НЕЦ Најмехен во Ередивизие.

