Роденденски подарок од над 30 милиони евра – Јувентус му нуди нов договор на Роналдо

Јувентус му подготви роденденски подарок од над 30 милиони евра на Кристијано Роналдо и му нуди да го освежи актуелниот договор што важи до 2022 година за уште дополнителни 12 месеци.

Утре Роналдо ќе полни 36 години, а во таборот на Старата дама веруваат дека уште може да игра на врвно ниво и понудата е договор до 2023 година за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

Португалецот има нето-годишна плата од 31 милиони евра, со што е убедливо најплатениот фудбалер во Италија.

Во Јувентус дојде во 2018 година од Реал Мадрид и стандардно ја потврди светската класа со брилијантни настапи. Има одиграно точно 113 натпревари за најтофејната италијанска екипа и постигна 87 погодоци.

Сезонава постигнуваше најмалку по еден гол во сите конкуренции каде што настапуваше за „црно-белите“ од Торино и билансот му е 22 погодоци на 23 натпревари.

Сопственик е на многу рекорди и поставуваше нови стандарди во сите лиги и клубови каде што играше, а ги има четири, почнувајќи од Спортинг Лисабон, преку Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус.

Моментно со 15 гола Роналдо е најдобар стрелец во Серија А.

 

 

- Оглас -

Најнови вести